Оваа моја втора рожба е духовен водич кој се надевам ќе Ви биде од огромна корист низ Вашето чекорење по Вашиот животен пат. Во оваа книга ќе најдете многу одговори на многуте животни прашања кои ќе Ве замислат и ќе Ве поттикнат да направите промена кон подобро во Вашиот живот како и да започнете со работа на својот духовен раст и развој.

Во оваа книга несебично ги споделив многуте мои необични животни искуства кои може само душата да ги види и почувствува.

,,Пет до дванаесет,, претставува еден вид повик на сите души духовно да се разбудат и да се сретнат и соочат со себеси, како и да започнат со работа на себе и својот личен развој. Овој духовен водич е збогатен со духовни вежби кои од срце Ви посакувам да ги направите читајќи ја.

Оваа книга ќе се обиде да Ви го отвори умот, да ја измените Вашата перцепција на гледање кон сите нешта кои Ви се случуваат во Вашите сопствени животи.

Исто така има за цел да Ве поттикне кон превземање акција и да започнете да го живеете Вашиот животен сон, а да не чекате пет до дванаесет нештата да се поклопат, затоа што ако чекате, тие никогаш нема да се поклопат.

Оваа книга е посветена на сите души кои посакуваат промена, на сите оние кои го живеат овој живот љубопитно и на сите оние кои ја почитуваат и следат мојата работа од самите мои почетоци. Поради целата Ваша поддршка, поради позитивните промени за кои годините наназад се обидувам да влијаам и делувам на Вас, оваа книга е создадена од дно на оваа душа и ова срце кое чука за СИТЕ ВАС.

,,Времето е илузија. Времето не постои. Она што постои е моментот сега и овде. Па оттука повеќе од потребно е да се разбудите во овој момент. Најчесто, многу луѓе чекаат да дојде пет до дванаесет за да направат некој чекор, за да одат на лекар, за да побараат помош. Токму водена од овој еден и единствен факт произлезе и овој мој текст кој ќе го читате во продолжение. Сега е пет до дванаесет да се разбудите од долго сонуваниот сон и да станете свесен креатор на вашиот живот. Сега е пет до дванаесет да донесете одлука дека овој живот нема повеќе да го живеете како набљудувач на вашиот сопствен живот. Животот ви е најголемиот непроценлив дар, па зошто би го живееле само како набљудувач? Дали го живеете она што го сакате, дали вашата реалност е токму онаква каква вие сте си ја зацртале во вашиот сопствен ум, дали сте донеле одлука да превземете акција и да тргнете кон смело и храбро остварување на вашиот сон, дали живеете во хармонија. Поставете си ги овие прашања и обидете се да си ги дадете сами на себе одговорите на истите пред да продолжите со читање.,,

Автор: Снежана Билко 

Издавачка куќа: Матица Македонска

Година на издавање: 2019