Да се помине и да се живее овој живот во улога на жртва е навистина еден од најлесните избори кои луѓето си ги прават. Ставајќи се себеси во улогата на жртва, очекуваат подобра реалност со внатрешно посакување да бидат сожалувани од другите. Имаат интерно внатрешно чувство дека се жртва и оттука првично се сожалуваат себеси за онаа реалност која ја живеат честопати обвинувајќи се себеси, но и другите.
Како душа која живее улога на самохран родител можам слободно да кажам дека сум се соочила со оваа улога како од другите така и од самата себе. Кога ќе дојдете до една фаза каде што ќе посакате и ќе прифатите дека сте жртва, во тој момент прифаќате дека се сместувате себеси во една посебна и сосема друга група на луѓе во општеството и средината во која што живеете.
Па оттука излегуваат сите понатамошни неуспешни реализации пред се` на личниот план, а потоа и на деловниот. И се додека се китев себеси со етикетата дека сум жртва и дека треба да се сожалувам себеси, никогаш не успеав да дојдам до осознавање и будење на моето духовно јас. Да се живее овој живот во улога на жртва, значи дека создавате други жртви околу вас, оние души кои живеат со вас, а тоа се вашите деца. Родителот не смее да живее улога на жртва, затоа што жртвата создава жртва. Бидете супер херој на вашето дете, а не жртва. Честопати родителите несвесно ги истураат своите фрустрации на своите сопствени деца. Сите лични незадоволства, неисполнетости, лични фрустрации ги истураат на оние кои им се најмили, на оние кои се нивната смисла на нивниот живот.
Децата се нашето најголемо богатство, децата треба да бидат ослободени од личното незадоволство на родителите. Децата не се виновни за ништо, тие се само деца! И не се само ваши, туку се и на Бог!
На вашето дете му треба родител кој може да му биде пристаниште кога е во бура, да му биде потпора за секој негов проблем. Вашето дете е своја изградена индивидуа. Вашето дете не е само ваше дете. Тоа е дете на Бог. Тоа е дете на Универзумот. На вашето дете му треба многу повеќе од материјалните сретства кои му ги давате. На вашето дете му треба родител кој цврсто стои на земја. На вашето дете му е потребен ментор. Вашето дете треба да го подготвите и да го спремите за самостоен живот. Да помогнете при изградбата на здрава и свесна личност. Тоа е она што му е потребно.
Децата се огледало. Децата ќе го прават она што го гледаат, а не она кое вие им го говорите. Размислете какво огледало сте вие. Дали вашето огледало е искршено и искривено. Какво огледало сте вие на вашето сопствено дете.
Децата заслужуваат да растат, да живеат и да се развиваат само и само во мир и спокој со здрави, свесни и разбудени родители кои ќе се трудат секогаш да им бидат најсигурното и најбезбедно пристаниште секогаш кога нивната душа ќе биде зафатена од некоја животна бура.