Честопати во животот ви се појавува чувство на себеобвинување, чувство на вина, грижа на совест или пак каење. Водејќи се од своите претходни избори, за вас можеби понекогаш и погрешни избори, ви се раѓа во вас чувство на себеобвинување. Онаа реалност која што сега ја живеете е збир на вашите претходни избори. И можеби ова кое што го прочитавте нема да ви се допадне, но вистината е таа. Луѓето секогаш бараат виновници, бараат причина поради која живеат онаква реалност каква што живеат. Секогаш им е многу полесно да ја бараат вината во некоја случка или пак во некоја друга душа за она што во моментот го живеат.
И нема потреба да барате вина во себеси, ниту пак да се обвинувате за вашите можеби погрешни постапки, погрешни избори во вашиот живот. Секогаш имајте на ум дека сте правеле онака како што сте сметале дека е најдобро за вас. Секоја ваша постапка сте ја правеле најдобро како што сте умееле во тој момент и се` што сте правеле сте го правеле сметајќи дека така подобро ќе се чувствувате и дека ќе бидете среќни. Впрочем, се` што правите во вашиот живот го правите за да бидете среќни.
За да се справите со ова чувство од ниска вибрација, а тоа е чувството на вина, најпрвин треба да го прифатите се` она за кое сега со оваа свест која ја имате во овој момент сфаќате дека било погрешно. Најпрвин потребно е да го отворите вашето срце и да го разбeрете она кое сте го направиле, да го разберете длабоко од вашето срце, од најдлабокото место на вашата душа и да го прифатите. Решението за справување со ова чувство е само во прифаќањето.
Целосното прифаќање може да се случи само кога ќе го разберете сето она кое сте го направиле а за кое сега сметате дека било можеби погрешно за вас и вашата душа. Секој животен пат е составен од погрешни избори, погрешни чекори, погрешни постапки и дела, впрочем тоа ни го говори и Исус кога вели оној кој е безгрешен нека го фрли првиот камен. Тој бил повеќе од сигурен дека никој нема да посегне по каменот. И не треба да си ја нагризувате душата, да си го јадете вашиот сопствен спокој со чувство на вина.
Сите ваши таканаречени погрешни избори ви биле лекција во вашиот живот. Секој погрешен избор ви отворил нови хоризонти, нови погледи, од секоја ваша грешка сте научиле повеќе. Многу луѓе самите си создаваат една лажна мисла со која продолжуваат да чекорат низ животот, а тоа е правењето дека некои нешта не се случиле. Не можете да се лажете себеси дека нештата не се случиле. Не можете да живеете лажен живот и лажна реалност.
Прифатете дека во тој момент свеста ви била онаква каква што ви била и дека се` што сте направиле сте го направиле за да се чувствувате убаво и сте го направиле мислејќи дека на тој начин ќе бидете среќни. Се` што прават луѓето, го прават за да бидат среќни. Запрашајте се зошто посакувате нова работа, нов автомобил, нова куќа, нов партнер? Затоа што сметате дека на тој начин ќе бидете среќни. При едно чувствo на каење и себеобвинување прифатете го вашиот погрешен избор и разберете го. Доколку го развивате вашето чувство на каење и себеобвинување она што ќе ви се случи е нанесување на нови и нови рани и лузни на вашата сопствена душа и на тој начин ќе допринесете за нарушување на основниот мир и спокој кој ви е повеќе од потребен за да продолжите по патот наречен живот.