Изговорите во минатото секогаш беа дел од моето живеење. Секогаш барав и сама си креирав одредени изговори за да не превземам акција и да не направам чекор. Длабоко тонев во зоната на комфорот во која долго време бев западната. Се лажев себеси дека ми е добро, дека не ми е потребна никаква промена. Тоа е интересен феномен. Луѓето сами си измислуваат безброј изговори, ги прифаќаат и веруваат во нив. Изговори за да не почнеш со нова работа, изговори дека треба дојде вистинскиот момент, изговори дека немаш доволно финансии и безброј други слични на овие.
Така и јас долго време бев една од овие души. Посакував промена, сакав да отпочнам со живеењето на мојот сон, посакував да превземам акција но, тоа беше само бледо посакување. Секогаш проаоѓав изговор. Сите други беа потенцијални виновници и причинители за моето понатамошно спиење во темната пештера. Си велев немам доволно финансиски средства, не сум доволно добра, и уште многу други. И на тој начин, креирајќи си безброј изговори, се вртев во круг, останував на места каде што она што сум јас не можеше никогаш да исплива на површината.
Но, потоа се запрашав и си реков на себе, доколку чекам да се поклопат нештата, доколку чекам да дојде вистинскиот момент, никогаш нема да направам чекор и да превземам акција. Си направив една визија и си создадов една замислена слика што ќе се случи доколку чекам да се совпаднат сите нешта кои ми претставуваа изговори.
Откако ја создадов сликата во мојот ум, увидов дека тоа никогаш и нема ниту да се случи. Никогаш нема да се совпаднат сите нешта и да бидат онака како што вие би сакале да бидат. Не барајте изговори за да превземете чекор, изговорите се само бледи лаги кои секојдневно се раѓаат од вашиот ум, а се раѓаат на начин на кој вие ги зачнувате. Изговорите никогаш нема да ве донесат до посакуваната цел. Завршив со изговорите во оној момент кога ми се случи оној клик во мојот ум дека доколку навистина го сакам она за кое што имам визија и сон треба да ги отфрлам изговорите од мојот живот. Денес сведочам на реалност без изговори.
Никогаш за ништо не барам изговори. Од најмали ситни нешта кои го сочинуваат секојдневието, до најголеми. Доколку чекате да станете совршени и доколку чекате да ви се создадат одредени услови или пак одредени други предуслови за отпочнување на она кое ви е вам сон никогаш нема да стигнете ниту до првото скалило од вашиот посакуван сон.