Лажни вредности. Лажни искрености. Лажни љубови. Лажни пријателства. Лажни родителства. Лажни емоции. Лажни прегратки.
Во овој век, во ера каде што човекот треба да се наврати на суштината на неговото постоење, наместо тоа, тој се разобличува во раскол, блуд и неморал. Па, оттука, човештвото живее еден сосема лажен, нереален, илузиорен живот. Живеат во среќни заедници, имаат животни партнери, деца, ставаат слики од нивниот прекрасен, примерен и хармоничен и семеен живот. Глумат најсовесни родители на Светот, а од родителство ни ,,р,, немаат.
А од друга страна, во добар дел од нив се кријат мрачни црни дамки на нивната душа. Имаат двојни животи, се дружат и влегуваат во интимни односи со разновидни други души како да небаре животната мисија и цел на нивното постоење е што поголема бројка да накалемат на списокот кој сигурно дома си го пишуваат (скришно, најчесто криејќи се и од себеси.) Па после се произнесуваат со јавни мотивирачки и едукативни поучни статуси за хармоничен и семеен живот, перат умови на плитки души кои веруваат на се што ќе видат и им создаваат илузиорна слика за нив самите, па така и си ја хранат својата душа компензирајќи со она што го немаат и она што им недостига.
Па, како треба да се почитува семејството и семејните вредности….
Ах, се прашувам…во какви ли болки живеат пред да си ги затворат очите навечер. Сигурно нивните мисли пред спиење се како утре да излажам и како да продолжам со овој двоен живот кој е толку многу интересен за мене, чиниш достигнале Божја Нирвана и се соединиле со Бога. Тешко им е на овие души. Колку и да одбиваат да се сретнат себеси во огледалото и да си признаат на себе колку лажен живот и лажна реалност живеат, внатре во себе го живеат секој нов ден со тежина и духовна неисполнетост.
Најчестиот лажен искреиран илузиорен изговор им е дека живеат за моментите. И така си се лажат себеси дека моментите го правеле животот магичен. Да, точно, моментите, но оние кои се вредни, оние кои се полни со вистински емоции на љубов. Оние моменти за кои вреди да се живее.
За жал, постојат многу вакви егземплари и души кои живеат двојни, тројни и повеќебројни животи. Не сакајќи да ја напуштат зоната на комфор, не знаејќи ни каде тргнале, ниту кон што се стремат и каде сакаат да стигнат, дозволуваат животот да им помине во безброј духовни незадоволства. Човечката душа не е создадена од Бога да живее на овој начин.
Но, дадената слободна волја од Бога многумина ја злоупотребуаваат подзаборавајќи дека некој од горе гледа се – како би рекол Балашевиќ. И секако ги повлекува конците и си игра.
И после, се соочуваме со несреќни луѓе, нервозни луѓе, исфрустрирани луѓе, луѓе кои го мразат животот мислејќи дека животот е виновен за тоа како се чувствуваат, а никако вината не ја бараат во себеси.
Ниту една човекова душа не може да достигне внатрешна слобода живеејќи ваков секојдневен живот. Што од мода, што од помодарство, што од бес, што од лични незадоволства, што од користољубие, што од среброљубие, билдајќи си ја својата суета и его се губат себеси и ја запоставуваат нивната душа и ја забораваат вредноста и мисијата на истата.
Постојат и секако оние другите. Оние кои внимаваат на секоја своја постапка, свесни дека навистина има некој кој гледа и кој знае се. Постојат луѓе кои се обидуваат секој ден да прават добри дела, верувајќи во праведност, обидувајќи се да го остават Светот со мирно срце и мирна душа кога ќе дојде часот да го напуштат.
За разлика од оние претходно, кои задните мигови на нивното последно отчукување на срцето го користат за емоции од грижа на совест и прашања од типот во нивните умови зошто вака сторив и зошто ова не го сторив. Жално е да го напуштите овој живот со емоции од грижа на совести и каење.
Лажни успеси. Лажни добрини. Лажни хуманитарци. Лажни љубители на миленици. Лажни партнерства. Лажни врски. Лажни веридби. Лажни свадби. Лажни верници. Лажни бакнежи. Лажни допири. Лажен живот. Лажна реалност.
Многумина живеат.