Сигурна сум дека секоја човекова душа во еден момент од нејзиниот живот го почувствувала чувството на љубомора на другите. Љубомората е сосема природно, човечко чувство и како такво е составен дел од нашето патување наречено живот. Да се биде љубоморен на другите подразбира дека не сме во хармонија со самите себеси.
Љубомората е едно чувство од најниска вибрација и доколку ја чувствувате во вашето секојдневие тогаш несвесно ќе ја спуштите вашата сопствена вибрација на едно најниско ниво. Тоа значи дека ќе се чувствувате несреќно, потиштено, а многу често љубомората може да биде иницијатор на една депресивна епизода или депресивна состојба во вашите животи. Во текот на вашиот живот сигурно сте забележале многумина кои вам ви биле љубоморни за одредена промена која настанала во вашиот живот.
Доколку направите промена во вашиот сопствен живот без разлика дали таа промена се случува на личен или деловен план, тогаш од останатите души може да ја почувствувате љубомората. Неретко не можат ни да ја сокријат, па едноставно од нив зрачи љубомора. Вашиот успех, или пак вашата промена ги потсетува на нивната стагнација, ги потсетува дека останале долго во зоната на комфорот, ги потсетува дека не направиле никаква промена во нивните животи, па оттука настанува ова чувство. Доколку една душа напредне во било која сфера од животот нека биде потсетување за вас дека и вие можете. Не се јадете себеси со прашања зошто, како и дали и јас ќе можам.
Секоја промена кај останатите нека ви биде мотивација и поттик за вас, за вашата промена и за вашето напуштање на зоната на комфорот. Кажете си на себе, штом таа или тој можеше, можам и јас. Исто така љубомората произлегува и од правењето споредби со останатите души. До каде е тој или таа, а до каде сум јас. Кои материјални нешта ги има таа душа, а што имам јас. Луѓето несвесно си делуваат автодеструктивно правејќи споредби со останатите. Споредбите ќе ви ја спуштат вибрацијата и ќе ве доведат до состојба на умот да помислите дека не сте доволно вредни.
Ќе ви создадат чувство дека можеби не сте толку успешни како другите и со самото тоа, ќе го потиснете оној талент или оној капацитет кој лежи во вас и чека на вас. Споредувајќи се со останатите се запоставувате себеси, ја спуштате самите својата сопствена вредност и го занемарувате она што го имате вие. А она што го имате вие е единствено, посебно и незаменливо. Фокусирајте се на себе, оставете ги другите души, нека секој си ја живее онаа реалност која е само негова, а вие фокусирајте се на својата реалност. Доколку јас низ овој мој пат како мотивациски говорник веќе скоро 3 години наназад се споредував со останатите, верувајте ми никогаш немаше ниту да стигнам до она кое во овој момент го правам, а тоа е креирањето на мојата втора книга.
Љубомората е една од најлошите емоции кои ќе ви ја нагризуваат душата и оној спокој кој секојдневно се трудите да го имате. Погледнете се себеси и кажете си на себе дека секоја промена кај другиот ќе биде најсилна ваша мотивација за понатаму. Секоја промена кон подобро, ќе ви биде мотив плус за да направите чекор нагоре, да направите промена кон подобро во вашиот сопствен живот. Ниту една душа која е задоволна од својата реалност нема чувство на љубомора кон другите. Секогаш бидете задоволни и среќни со сето она кое го имате.
Многу души кои имаат многу повеќе од вас материјални нешта се многу понесреќни од вас, имајте го ова на ум. Можеби да, тие ги имаат повеќето материјални удобства, но тоа не значи дека имаат духовно задоволство. Затоа, свртете се кон себеси и се што имате и бидете среќни и задоволни со она кое го имате. Доколку не верувате во вашата вредност како битие, тогаш се сомневате и во Tворецот, во оној кој ве создал. Затоа, не се сомневајте во него, бидете горди за она што сте и секогаш почитувајте ја вашата сопствена изградена личност.