Најмногу треба да внимавате и да се оттргнете од луѓето кои се бездушни. И сега нема да говорам кои се тие луѓе затоа што впрочем сметам дека точно знаете што значи човек бездушен. Лесно е да спаѓате во категорија на човечки битија, но многу потешко е да бидете и да спаѓате во категорија наречена човек со големо Ч. А такви ги има поприлично малку, за жал. Од оние со големо Ч напред. Исто како што не може секој да биде мајка или татко иако сите можат да бидат родители.
Да, луѓето се такви, па се такви. Им го давате целото срце и целата душа, тие ќе ви ја земат сета љубов, но, не се вртат назад. Не ни трепнуваат додека ви нанесуваат штета или пак делуваат штетно кон вас. Но, кои сме ние да судиме? Доколку судите, се ставате себеси над нив, па оттука самите си го билдате егото и со тоа им велите јас сум посупериорен од тебе, ти не чиниш.
Она што можете и што е во ваша моќ е прифаќањето. Прифаќањето на фактот дека не секој може да носи со себе големо Ч во неговата човештина. И продолжувате понатаму. Сепак, потребно е да ја држите и негувате вербата и надежта дека повторно овој живот ќе ви сервира некоја душа со ДУША и со големо Ч. Некоја душа со човештина.
Бездушните и малодушните отсекогаш ги имало и засекогаш ќе ги има, не е ваша задача да ги отстраните од овој Свет, но ваша задача и ваша пред се обврска кон себеси е да се тргнете од нив. И успевам наназад долго време да си ја штитам својата душа од ваквите души кои не соодејствуваат со мојата перцепција за човечност.
Но, тоа е сепак моја перцепција. Можеби нивната е сосема спротивна од мојата. И тоа и ми е целта на ова писание.
Дека секој тргнува од себе, секоја душа креира мислење и став за другите тргнувајќи од себе. Доколку не спаѓате во категорија на бездушните, многу е логично да ги препознаете истите. Зар не!? Воопшто нема да ви биде тоа тешка задача.
Дали е ваше да ги менувате? Дали сте вие тие кои ќе им вдахнат душа? Не. За жал. Тоа не е вашата мисија. Вашата мисија е да си ја чувате сопствената душа од се што вам ви се гледа бездушно. Од само проста причина што вашата чиста и неповредена душа е она што ви е потребно за целиот ваш живот.
Токму таква, чиста и недопрена.
И да. Луѓето се такви, па се такви. Вие не можете да ги измените. Но, сепак, можете да ги прифатите како такви – што и да спаѓа под овој збор, толку мал, а всушност толку голем.