Отфрлете ги програмите и убедувањата од другите

  • by

Работејќи со многу луѓе дојдов до едно спознание дека многу идеи, многу планови и многу соништа не им се оствариле токму од длабоките програми или убедувања кои им се всадени во нив, а кои што се пред се` наметнати од другите луѓе. Кога ќе станете свесни за вашата вредност и кога ќе работите секојдневно на себе, тогаш доаѓате до едно огромно будење, а тоа е фактот дека можеби половина од вашиот живот сте живееле живот по наметнати програми од сите други.

Уште од вашето рано детство ви се наметнати одредени убедувања кои сте ги слушале уште како деца на почеток од вашите родители, потоа вашите пријатели, соученици, колеги, па потоа и партнерот. Во вашата потсвест се создадени овие убедувања кои со текот на годините толку често ви се повторувани одредени нешта кои подоцна сте ги прифатиле како свои и со самото тоа никогаш нема да бидете во можност да се ослободите од нив или пак да зачекорите кон остварување на својот сон или својата цел.

Од моето лично досегашно искуство можам со сигурност да тврдам дека се`додека ги слушав и се водев според оние убедувања или наметнати програми кои беа длабоко всадени во мене јас никогаш не успевав да направам промена. И можеби сето тоа ви звучи дека е лесно да се совлада и можеби ви делува неважно, но верувајте дека е повеќе од важно. Програмите од останатите ви се всадени во вашата потсвест и се` додека не прифатите дека живеете по туѓи наметнати програми и додека не прифатите дека ги имате, никогаш нема да може да ги отфрлите и да работите на нив. Умот има бесконечна моќ.

Вашиот ум може да креира и создава нешта за кои никогаш нема ни да помислите дека би можел да ги искреира како идеи. Но, во реалноста никогаш нема да дојде до реализација на ниту една ваша идеја се додека не ги отстраните овие програми за кои сте убедени дека се ваши. Работејќи на себе, според моето лично животно искуство дојдов до спознание дека живеам сосема други наметнати програми кои не се мои.

Програмите се мисловни образци кои ви се формирани во вашата потсвест. Тие се толку длабоко всадени што вие комплетно им се препуштате и верувате во нив. Многу често нашите родители ни наметнуваат одредени програми со кои што не закочуваат при некој прогрес во животот кој посакуваме да ни се случи. Нашите родители секогаш мислејќи најдобро за нас, несвесно не` спречуваат да бидеме она што сме, да го работиме она што го сакаме и да го правиме она за кое сме дојдени на овој материјален и физички свет.

За да почнете со работа на овие всадени програми најпрво мора да се спознаете себеси, кој сте вие, која е вашата мисија и кој е вашиот повик. Со отстранувањето на наметнатите убедувања целосно ќе ви се измени вашата реалност и ќе дојдете до спознание дека многу од вашите животни избори биле токму водени од туѓите убедувања кои не биле ваши.

Сподели искуство