За прв пат на моја особена чест и огромно задоволство имам пред мене една прекрасна и посебна душа како гостин во ,,Разговори со Билко,, – големото уметничко име и виртуозот Дуке Бојаџиев. Благодарам од срце што прифати да бидеш мој следен гостин во моите интервјуа. На самиот почеток морам веднаш да ти одадам признание дека си една многу инспиративна душа, па со оглед на тој факт, веднаш ми навираат безброј прашања кои би сакала да ти ги поставам. Се надевам дека ќе откриеш парче од твојата душа во овој наш заеднички разговор.
На самиот почеток, би сакала да те прашам, како се доживуваш како душа, кој е Дуке Бојаџиев на ниво на душа?
– Тешко е да се направи вербален опис на душата бидејки е вон материјалниот свет и е на ниво многу повозвишено од било кој земски збор. Мислам дека во минатите инкарнации сум бил повеќе пати музичар, бидејки проучувањето на музиката уште од дете го доживував повеќе како да се потсеќам за некое знаење кое веќе е акумулирано во мене. Некаде во моите 20ти години почнав да навлегувам подлабоко во источните мудрости и филозофии и некои работи ми станаа појасни.
Сигурно често ти го поставуваат прашањето како започна твојот пат во светот на музиката, но, јас би сакала да те прашам нешто сосема поразлично. Дали го знаеш и дали се сеќаваш на моментот кога ти се случи твоето себеспознавање и оној ,,клик,, за да донесеш одлука да бидеш она што си денес. Дали можеш да се сетиш кој беше моментот кога внатрешно се пронајде себеси и кога донесе одлука што сакаш да бидеш во овој живот?
– Не беше еден момент, беа многу моменти кои полека но сигурно ми го трасираа патот по кој тргнав и кој уште од почетокот знаев дека е еднонасочен, пат од кој нема назад. Одамна сфатив дека сакам професија која е хумана и ке им го олеснува животот на луѓето на некаков начин, но ми требаше доста време да сфатам дека тоа е музиката, а не медицината, иако ми беше пред нос цело време. Тука секако имаше влијание и оперативниот систем на општеството и условите во кои растев, кои ме колебаа за музиката како професија, поради стравот од финансиската нестабилност кој таа професија го носи. Кога го надминав тој страв, кога сфатив дека нема план Б, патот сам се отвори, а јас со големи и цврсти чекори тргнав по него.
Голем мајстор си и воедно голем виртуоз кој создава и твори прекрасна музика, музика која допира до секоја човечка душа и до секое срце, па оттука би сакала да те прашам, како ти доаѓа инспирација да седнеш и создадеш едно твое дело? Можеш ли да ни откриеш некој пример како се родила некоја твоја композиција, од што си бил инспириран во тој момент?
– Процесот на креативност е многу тешко да се опише. Јас лично, го доживувам како процес на канализирање на емотивни енергетски информации кои се материјализираат низ мене во форма на музика. Надворешната инспирација како да е само катализатор на процесот кој ме става во состојба на емотивна свест која го отвара каналот. Колку помалку ми е рационалната свест активна, толку подобро и полесно ке излезе музиката (информацијата) од мене. Потоа кога веќе ја имам преточена во музика, следи мисловен (рационален) процес на тоа како ке ја продуцирам, аранжирам или оркестрирам и сето што следи во процесот понатаму.

Секој уметник создава воден од неговата сопствена инспирација, визија, отворен ум. Од кои моменти во твојот живот најмногу се инспирираш?
– Од секојдневието, од она што ке ми го наложи интуицијата, таа ми е главен водич. Не ми треба многу за инспирација бидејки сум многу емотивен и мали работи можат да ме понесат креативно. Кога работам на проекти, филм на пример, толку навлегувам во дејствието, се поистоветувам со приказната и штом ја почувствувам емотивно, веднаш можам да се дадам себеси и креативно.
Велат дека кога човек е тажен, тогаш може да седне и да создаде врвно уметничко дело. Што мислиш за ова, дали тагата инспирира повеќе од среќата?
– Тагата и среќата се две емотивни состојби на свеста, и едната и другата носат свои инспирации. Не верувам дека човек треба да е тажен за да креира, а многу пати тие две состојби и се мешаат во едно чуство на меланхолија, кога сум колку среќен толку и тажен во исто време. Фактот дека чуствувам за мене е среќа, бидејки без емоции животот би станал бесмислен. Само човек треба да научи како да се справи со емоциите, како да ги канализира во нешто позитивно и креативно.
Кој дел од денот си најкреативен, најпродуктивен, дали е тоа рано утро или доцна вечер, дали постои дел од денот кога можеш да го извадиш најдоброто од тебе?
– Од моето досегашно искуство, раните утра и доцните ноќи најчесто имаат свој пик на креативност. Веројатно голем удел има фактот што рационалната свест е најмалку активна во тие саати (на будење и пред заспивање), па креативноста некако полесно си тече без никакви бариери.

Со оглед на фактот дека одамна замина од Македонија, би сакала да се навратиме на твоите почетоци надвор од сопствената Земја. Сигурно твоите почетоци не биле лесни, па би сакала да ни кажеш, во тие моменти, што беше она кое те туркаше напред за да продолжиш по твојот пат и да не се откажеш од твојот сон?
– Се сеќавам на еден момент кој добро ја опишува мојата состојба на свеста пред заминување. Еден ден пред да заминам за Америка, со татко ми шетавме низ Градскиот Парк во Скопје. Иако имав полна поддршка за моето заминување од него, мајка ми и сестра ми, тој сепак ме праша како се решавам на ваков чекор во неизвесност, да се преселам на континент кој е од другата страна на планетава и на кој никогаш не сум стапнал, и зад себе да оставам дом, фамилија, медицинска диплома, пријатели и сите удобства што таму ги имав. Јас му одговорив едноставно, дека чувството е посилно од мене и дека длабоко во себе само јас знам што правам и зошто го правам, дека еден ден во иднина ќе ме разбере. Гласот на мојата интуиција беше посилен од било која рационална мисла во моментот и од секогаш будно ја пратам и цврсто и верувам, без разлика колку понекогаш ирационално звучи, посебно за околината.
Дали имаш некои свои мали техники и методи со кои ја поткреваш својата сопствена вибрација во моментите кога ќе се соочиш со некој контраст или предизвик во твојот сопствен живот?
– Се трудам да ги прифаќам работите што доаѓаат во животот какви што се, ако можам да ги променам работам на тоа, ако не можам живеам со тоа. Секогаш се стремам се да преточам во креативност, бидејки така и најтажните работи добиваат убава смисла. Нормално е животот да има контрасти, убави и неубави моменти, битно е човек во тешките да не падне, а во убавите да не полета превисоко.
Често слушана е реченицата ,,Какви ти се мислите таков ти е животот,, или пак луѓето живеат онаква реалност какви што им се сопствените мисли. Дали се согласуваш со ова и дали ти внимаваш и дали свесно ги креираш своите сопствени мисли?
– Се трудам да гледам позитивно на се. Мозокот е биолошки компјутер чија единствена обврска е да мисли. Некогаш доаѓаат позитивни мисли, некогаш негативни, најчесто предизвикани од свесни или потсвесни стравови. Бидејки сум свесен за тоа, негативните мисли ги пуштам да си отидат, односно не им придавам на значење и тие не траат долго. На позитивните пак, кога ќе дојдат, имадавам место и простор да се развијат понатаму, од идеја во реалност. Не можеш да си во комплетна контрола на она што мозокот ќе го помисли, но можеш да избереш како ќе реагираш и на кои мисли ке им дадеш фокус и значење.
Што претставува за тебе љубов кон себеси? Која прва мисла ти дојде кога го слушна ова прашање, што претставува според тебе љубовта кон себеси и кон своето сопствено битие?
– Љубов кон себе е да работиш на изградба на својот дух и разум во позитивна цел, да си го наполниш својот извор со позитивна и чиста енергија како би можел да споделиш и дадеш на други. Тоа значи да се опкружиш со луѓе кои ти ја полнат душата, но и да поминуваш време сам со себе. Да селектираш на кои мисли кои ти доаѓаат ќе им дадеш значење, а на кои не. Да внимаваш што јадеш и што ставаш во твоето тело кое треба да те служи. Да ги развиваш своите морални и културни вредности и секогаш да се стремиш кон размислување со отворен ум.

Дали си навлегол некогаш подлабоко околу најпоставуваното прашање во човештвото, а тоа е зошто сме овде и која е нашата мисија?
– Главната мисија е еволуција на душата. Секој од нас носи парче од универзалната свест и носи одговорност да ја подигне на повисоко ниво. Сите сме дел од еден ист организам, еден систем кој полека но сигурно еволуира напред. Низ секоја реинкарнација имаме нова шанса да продолжиме со процесот низ ново тело и нова животна мисија.
Според најновите теории на квантната физика, веќе широко прифатени и од меин стрим научници и мислители од денешницата, универзумот е холограм, кои ние го перцепираме низ нашите 5 лимитирани сетила. Моја теорија е дека космичката свест еволуира во секој од нас низ тој холограм, а секој живот (инкарнација) е нова епизода на предизвици низ кои тече таа еволуција.
Сон, верба, љубов. Ова е насловот на твојот последен концерт во Скопје. Кој збор според тебе доколку можеш да издвоиш сметаш дека е најмоќен?
– Нема најмоќен, еден без друг немаат целина. Џабе е сон без верба и љубов. Само трите фузионирани (и сериозно сфатени) заедно, имаат моќ да направат импакт врз нечиј живот па дури и врз целиот свет. Никола Тесла е добар пример, кој од село во Хрватска дошол во Њу Јорк со голем сон, верба и љубов, со визија да го промени светот на подобро и во тоа успеал.

Имаш ли моменти во твојот живот каде ја имаш на себе, на своја кожа почувствувано моќта на Универзумот, Креаторот, Изворот, Бог…
– Многу пати. Од моменти на креативност, до животни ситуации, кога мислиш дека не може да биде пострашно или потешко, и одеднаш како некоја невидлива рака да ги поместува работите и се си доаѓа на место.
Случајностите не се случајни. Дали сметаш дека ништо што ни се случувало, ни се случува и ќе ни се случува не е случајно?
– Не верувам во случајности, мислам дека се раѓаме преодредени да имаме некакви животни искуства кои ни помагаат во еволутивниот развој на свеста, но верувам дека имаме сопствен избор во тоа како ќе реагираме на нашите искуства. Ако ги сфатиме како мотивација да научиме, пораснеме и се промениме на подобро ќе имаат позитивен ефект. Ако ги сфатиме како фрустрација и казна, ако се самосожалуваме во процесот и чуствуваме како жртва, може да имаат и многу негативни ефекти.
Секоја човечка душа треба да поминува одредено време сам со себе, време каде ќе се сретне со своите сопствени мисли, време кое ќе си го посвети на себе и на сопствената индивидуа, време каде ќе види до каде е, каде тргнал, кон што се стреми. Дали ти поминуваш време со себеси и доколку да, како изгледа кога си сам со себе?
– Секако, поминувам многу време сам бидeјки таква ми е работата, ми треба мир за да се фокусирам. Но многу ретко размислувам на она што поминало и она што ке биде. Се трудам да живеам во и за моментот, без да се замарам со што било вчера и што ќе биде утре. Единствено нешто што реално го имаме и со кое реално можеме да направиме промени е сегашноста, луѓето често го забораваат тоа, заробени во минатото или иднината. Само убава сегашност може да ни донесе убава иднина и утре да биде убав спомен. Екарт Толе (Eckhart Tolle) има напишано многу убава книга на темава, се вика Моќта на Сегашноста (“The Power of Now”), лектира која секој треба да си ја прочита.
Иако е многу тешко да се даде дефиниција, но би сакала да те прашам како ти би ја дефинирал љубовта, со твои зборови?
– Тешко е да се дефинира љубовта бидејки ја има во многу форми, од љубов кон дете и партнер до љубов кон родител, пријател или пак љубов кон професијата. Најбитно е човек да живее во љубов, да научи како да ја дава, како да го отвори изворот кој постои во секој од нас. Давањето љубов чини најголем здравствен и духовен бенефит и за оној што дава и за оној што ја прима, а и за оној што го набљудува тоа. Обратно од тоа, ослободувањето на негативна енергија врз некого е штетно и за оној што ја ослободува, и за оној што ја прима и за оној што го набљудува тоа.
Нормално е да имаме и негативни моменти и чувства во животот, но не треба поради тоа да страда и околината. Треба да научиме како да ја трансформираме негативната енергија во позитивна, а најубаво тоа се прави низ креативност, уметност, јога, медитација, спорт.

Што е според тебе потребно за успех, кои се најважните основни работи кои треба да ги поседува една душа за да постигне успех, или поточно кажано да го постигне се она кое си го задала на себе како цел. Доколку можеш да издвоиш воден од сопственото лично животно искуство, неколку нешта кои се потребни за да може една човекова душа да успее?
– Единствен успех за душата е нејзина еволуција и будење низ сите животни предизвици кои ги поминуваме и кои си ги задаваме, некогаш самите а некогаш животот сам ги носи. Тој успех нема директна врска со успех во професијата или во приватниот живот или пак со финансиската состојба. Но сепак, будна духовна состојба кај што и веруваме на интуицијата и ја пратиме, може многу да помогне во развојот и успехот како на професионално поле така и на приватно. Интуицијата многу подобро знае што најмногу и треба на душата.
За среќата се зборува многу. Среќата е внатрешна интерна состојба на човекот. Што претставува за тебе среќа, што е среќа, имаш ли ти некоја твоја изградена дефиниција за среќа?
– Среќа е личен избор. Секоја ситуација во животот може да се погледне од позитивен и од негативен аспект. Моментот кога ке сфатиме дека душата е вечна, а животот е само една епизода (инкарнација) во нејзината еволуција, сите животни предизвици без разлика на нивната тежина, стануваат само нови искуства во духовната надградба. Нема среќа и несреќа, се е тоа една епизода која се вика живот, а наша обврска е да научиме да живееме со животот како пакет полн со разни предизвици.
Исус кажал ,,Ќе биде по верата твоја,,. Многу често се зборува за вербата, но не секој од нас умее да верува, да верува целосно и да има верба целосно без трошка сомнеж. Колку е вербата важна според тебе за понатамошен успех на било кое поле од животот? Колку тебе ти помогнала вербата при твојот животен пат?
– Јас цврсто верувам и стојам зад се што правам во животот. Со други зборови, за се што ке се нафатам да правам, го правам со полно срце и голема самодоверба. Стравот од неуспех во остварување на целта е најчестата причина поради која луѓето губат верба и се откажуват од целта (соништата). На некој начин еволуцијата на душата се состои во ослободување од овие стравови низ надминување на животните предизвици. Колку повеќе верба имате во ова што го правите, толку полесно оди овој процес.
Животот е патување, дојдени сме во овој Свет секој со своја сопствена мисија, дојдени сме по разни животни искуства. Која е твојата животна мисија на твоето постоење, како ти ја имаш дефинирано својата животна мисија?
– Мојата животна мисија е да творам музика со која се трудам да го разбудам и оплеменам духот, како својот така и на луѓето кои ја конзумираат таа музика.

Дали веруваш во друга димензија, димензија после оваа? Дали си размислувал на оваа тема?
– Моето размилување на оваа тема е повеќе во стилот, знам дека има друга димензија после оваа. Ова не е резултат само на моето внатрешно чувство, туку и на долги години на проучување на темата, гледање многу научни документарни емисии кои денес се и доста актуелни. Науката се судира со овој проблем, квантната физика дојде до заклучок дека реалноста во која живееме е еден вид на холограм, а јас верувам дека душата (свеста) е присутна во овој холограм само со причина да еволуира. Имав едно прекрасно искуство во Перу со церемонија на Ајахуаска, нивна локална шаманска традиција стара неколку илјади години, искуство во кое ми се потврдија сите мои размислувања и чувства на оваа тема.
Би сакала за крај да те прашам, каков совет би им дал на сите оние души кои можеби во овој момент се наоѓаат на некоја животна раскрсница, можеби во овој момент се демотивирани, без никаква волја да продолжат понатаму. Каков совет би им дал, како да го продолжат патувањето наречено Живот, кои мисли да ги водат?
– Животот е полн со угорници и удолници, мали и огромни предизвици, и често може да не стави во конфузна состојба на умот, каде преоптеретени со проблеми престануваме да мислиме на убавите страни на животот. Најидеално е да може да му дадете малку пауза на мозокот бидејки во него се создаваат сите конфузии, и да и дадете простор интуицијата и душата да ви кажат по нешто, бидејки тие најдобро го знаат патот по кој треба да одите.
Што најмногу ти недостасува од Македонија, дали понекогаш ти се случило воден од носталгични чувства да посакаш или пак да ти дојде мисла да се вратиш во својата матична Земја?
– Јас се чуствувам дома секаде на планетава, убаво ми е кога доаѓам во Македонија, но убаво ми е и кога сум во Њу Јорк или кога патувам низ светот. Немам никаква приврзаност кон локацијата каде што сум. Се адпатирам и се трудам да го уживам убавото од она што го имам во секој даден момент. Чуствата на носталгија никогаш не ми биле познати.
Зошто е добро, а зошто е ,,лошо,, да се биде Дуке Бојаџиев? 🙂
– Нема добро и лошо. Професијата ми е таква да сум јавна личност, но тоа не ми пречи да бидам нормален и приземјен, бидејки така јас се чуствувам најдобро.
Ова е поедноставно да се каже одколку направи, но човек секогаш треба да се стреми кон тоа. Да се бори против сопствените стравови, да ги надминува низ нови искуства и да му се даде на животот комплетно. Да и верува на интуицијата која во координација со срцето и душата секогаш ги има вистинските одговори, ако и дадеме простор да се искаже.
Јуни, 2018год.
Автор: Снежана Билко