Случајностите не се случајни

  • by

…,,Локацијата и часот беа закажани. Во утринските часови требаше да да најдеме на она место кое јас го одбрав, она место кое ми дава сила за секој нов ден. Место кое ме потсетува дека јас не сум овде случајно. Место кое ме потсетува дека никој од вас не е овде случајно. Се подготвив полека, и се упатив кон местото каде требаше да се најдеме.

Свежината на утрото ме потсетуваше на фактот колку умеат утрата од новиот ден да бидат магични, инспиративни, прекрасни. Одејќи и движејќи се, сретнав мал број на луѓе кои итаа кон своите зададени цели, не освестувајќи ја убавината на утрото. Брзајќи на она место до кое сакаа да дојдат не беа свесни за убавината која ги опкружува. За песните од птиците, за тишината која ја носи секое утро, за мирисот во воздухот. Ах, колку магични нешта пропуштаат овие луѓе – си помислив.

Движејќи се со умерени чекори кон она место до кое требаше да стигнам, во мене се раѓаа мисли за тоа колку е прекрасен животот доколку го живеееш во внатрешен мир, во внатрешен духовен спокој. Спокој со себе, спокој во себе. Мислите вообичаено ми се менуваа со светлосна брзина, а моите сетила стануваа се поизоштрени како не би ги пропуштила убавините кои ме опкружуваа. Уште едно прекрасно утро, а јас со него и во него. Мора да е животот толку прекрасен колку што јас го доживувам во раните утрински часови – си помислив. На мојот лик почувствував блага насмевка која го издаваше моето духовно задоволство и мојот спокој во душата. Бев мирна и спокојна.

Пред црквата имаше една дама која седеше на клупата веднаш пред цркавта. Ја погледнав, се помислив каде да седнам, но, бидејќи другите клупи беа подалеку од влезот на црквата, решив да ја прашам дали е слободно да седнам до неа. Нејзиниот срдечен одговор беше позитивен, па така седнав до неа чекајќи да поминат уште неколкуте минути до мојата закажана средба.

Ја погледнав оваа дама облечена во црно, имаше отприлика четириесетина години, млада убава дама. Почнавме неврзана конверзација околу работата на околните багери кои ги нарушуваа мирот и тишината кои беа повеќе од потребни пред еден ваков Свет Храм. Нејзините зборови беа благи, љубезни, пристојни, учтиви, но сепак во гласот почувствував болка. Болката и извираше од нејзините очи кои се обидуваа насилно да се смејат. Очите се смееја, но нејзината душа плачеше. И кажав дека сум дојдена на договорена средба. Ја погледнав оваа дама и нешто од мене ги изусти зборовите: ,,Немој да се грижиш, Бог е секогаш тука до тебе и со тебе,,. Ја извадив мојата најнова книга од ќесата која ја зедов од дома и која беше наменета и испланирана за друго лице, но знаев дека оваа книга е за оваа дама. Душата која страда има предност – си помислив. И ја подадов книгата и и кажав ,,Оваа книга била за тебе наменета,,, се насмевнав.

Во истиот момент како експлозија на сите нејзини емоции кои успешно ги криеше од себе и од мене седејќи заедно со мене на клупата овие десеттина минути изглегоа на површина. Оваа дама почна толку силно да плаче, а солзите и беа измешани. Солзите и означуваа болка, но во исто време и радост за овој мал и минијатурен а во истовреме можеби и голем гест кој и даде трошка волја и сила за понатаму.

Стана и ме праша дали може да ме прегрне. Се согласив секако со големо задоволство. Се прегрнавме најсилно на целиот свет, се прегрнавме како сестра со сестра, а мојата прегратка имаше неколку пораки. Мојата прегратка и кажуваше да не мисли никогаш дека е сама, да не се грижи за ништо и и кажа дека се ќе биде во ред. Мојата прегратка не беше проследена со зборови, впрочем зборовите беа непотребни во овој момент.

Тресејќи се и сеуште плачејќи, ми кажа дека не верува во случајности и дека некој ме има пратено да и ја подарам оваа книга, а воедно и да ја прегрнам да и дадам волја и утеха, да и дадам сила токму онолку колку што и требаше, а последните зборови на оваа прекрасна дама и беа ,,Знам дека си пратена и знам дека Бог постои,, 🙂 И воопшто не е важно дали бев или не бев пратена, но она што беше важно е дека некому помогнав, само со едно сочувство, со неколкуминутен општ разговор и со силна сестринска прегратка. Прегратка полна со чиста и безусловна љубов. Тоа беше се што и требаше на оваа дама. Книгата и ја посветив за неа и нејзината ќеркичка повторно напоменувајќи и дека се ќе биде во ред и да знае дека никогаш не е сама. Бог е со неа.

Се оддалечив полека бидејќи мораше да заминам, а оваа дама сеуште плачеше треперејќи и оддалеку и реков да влезе и да се измие со светата вода во Црквата. Се испративме со насмевка и полно срце.

Денот ми започна на овој начин. Оддалечувајќи се од оваа дама се запрашав во себе, може ли да биде животот попрекрасен?

Бев многу среќна, бев радосна затоа што можеби оваа повредена душа се смири, бев радосна затоа што уште еднаш сфатив дека сите сме овде за да си помагаме едни на други. Сите сме исто во овој Свет. За оваа дама не дознав ништо, но навистина не ми ни требаа зборови од нејзина страна, само ја почувствував нејзината болка и тага, тоа беше се што требаше да го знам за оваа душа.

Мила моја повредена душо, знам дека си во овој момент многу подобро од нашата прва средба и знам дека повторно ќе се сретнат нашите две души и повторно ќе се прегрнат со чиста и безусловна љубов,,….

Твоја, Снежана Билко

Сподели искуство