Сокриена сенка

  • by

Се обидов да те најдам. Неуспешно. Те барав во песните, те барав во секој стих, неуспешно. Од кого се криеш о, љубов моја? Од мене, од себе или од непознатото?

А како можеме да се скриеме од самите нас, како може да се скрие одразот од сенката своја кога таа ќе го следи каде и да оди, со кого и да седи, каде и да се крие. Сенката без одразот не може како што одразот без својата сенка во огледалото.

Јас знам каде тргнав и се обидов во секоја песна да те побарам, да те најдам, но си го создал својот голем златен штит пред кого и Бог се замислува дали може да пробие и да допре во тебе?

О, сенко моја, од што ли си се скрила?
Така вешто, а така детинасто. Така итро, а така наивно.

За мене ли штит ставаш о, ти сенко моја, оти покрај тебе одразот твој треба да биде?

Остави го својот штит ако убаво ти е.

Во твојата комоција уживам и јас оти знам дека комотно ти е.

Без мене, а со мене.

Со мене, а без мене.

Остави, нека не издува ветрот, нека не измие дождот од сите таги во душите оти не постои тажен одраз со тажна сенка. Оти душите ни се весели, а не тажни.

Затоа сме еден со друг. Затоа сме еден кон друг свртени, а недоречени.

Те барам наоколу.

И повторно наидувам на твојот гард. Оној истиот со кој јас се дружев долго.

Но, сега го немам. Го немам оти знам дека не ми треба овој пат.

О, ти, сенко моја, кај тргна со толкав обрач околу себе?

Тргна ли некаде или само стоиш и оставаш и го чувствуваш времето да минува покрај тебе?

Те барав, но не те најдов.

Посакав букви. Напишав. Но, го почувствував твојот златен штит дека ставен ти е, та ги тргнав и буквите им реков, не сега и не така. Оти јас сум она што си ти.

А од што се плашиме?

Од себе или од себеси?

Од себе или од Бог?

Од себе или од нас?

О, ти, сенко моја, те барав, но, не те најдов.

И не те барам повеќе, зошто знам покрај мене си ти. И без да те барам, тука си.

И само ти можеш да допреш до буквиве, само ти можеш да допреш до душава, недопрена тајно моја. Недопрено вино мое полно со мистична и слатка жичка која грлото ми го затоплува секој нов ден. Оти без тебе ни денот не ми е ден.
Без тебе денот ми е ноќ, а ноќта ден.

А со тебе и денот и ноќта ми се ден.

О, ти, сенко моја, о, ти, тајно моја скриена позади бакарни штитови и бетонски огради.

Те прегрнувам, знаеш, оти јас сум она што си ти.

И ти си она што сум јас.

Одраз сум твој, сенко моја, одраз на она што си ти.

Сподели искуство