Сомнежот – наголемиот непријател на човекот

  • by

Во сите мои тешки духовни моменти секогаш во мене постоеше оној мој внатрешен глас, моето духовно јас кое ме водеше низ секој нов ден и кое ми беше патоказ низ деновите кои надоаѓаа. Она во што бев сигурна беше фактот дека вербата во себе е највредното нешто кое може да го поседува една душа. Вербата во себе, во мојата вредност како душа, како битие, вербата во мојата визија и вербата во мојот сон ме донесе до сите големи манифестации изминативе години.

Кога ќе имате своја сопствена изградена визија и кога ќе имате свој замислен сон кој сакате да го живеете, најдобар пријател треба да ви биде вербата во себе. Верувајте дека ниту една манифестација немаше да ми се случи ниту пак ќе ја доживеев во изминатиот период доколку не верував во она што сум. Доколку немав верба во мојата душа и во мојата мисија. Се прашувате можеби како ќе ја откриете и како ќе ја спознаете вашата мисија како душа дојдена на овој свет? Многу едноставно.

Кога ќе се фокусирате на она кое што сакате да станете, на она кое што сакате да бидете, да го живеете и да го работите, се` што треба е да ги следите знаците од Универзумот. Знаците постојано ќе ви се појавуваат и ќе ве следат. Но, за да почнете да ги следите знаците и својата сопствена интуиција најпрво што треба е да го отворите вашиот ум. Само човек кој има отворен ум кон се` може да научи да ги следи знаците од Универзумот.

Често пати посакав да се откажам, но, секој пат кога ќе потклекнев и кога сомнежот ќе ми даваше насоки кон најлесното надолно скалило, а тоа е откажувањето, знаците беа тие кои ме враќаа на својот пат. Првите неколку пати помислував дека овие знаци се можеби некоја коинциденција, некоја случајност за да најпосле дојдам до сознание дека случајности и коинциденции не постојат, туку она што постои се вика знак и помош од Креаторот.

Насоките беа насекаде околу мене. После неколку мои мисли на откажување, сфатив дека ова е мојот повик и ова е мојата мисија и се` што треба е да продолжам по својот одбран и поставен пат. Кога ќе дојдете до едно искуство од ваков тип тогаш навистина се будите и сфаќате дека тоа е она што сте вие. Тоа е вашиот пат и тоа е вашиот повик на кој треба да се фокусирате. Секој човек се соочил во својот живот со чувството на сомнеж, се сомневал во својата вредност, се сомневал во својата донесена одлука, а неретко и потклекнал на првиот сомнеж и се откажал.

Кога посакувате нешто да остварите, а имате огромен сомнеж, шансите дека ќе стигнете до манифестирање на таа реалност се многу мали. Сомнежот никогаш нема да ве донесе до резултати. Сомнежот заедно со стравот е најголемиот непријател на човекот. Вербата и сомнежот се најголемите непријатели. Се` што не е верба е сомнеж, а се` што не е сомнеж е голема верба. Се` додека не ја искусат целосната верба луѓето не можат да ја осетат придобивката од истата.

Само вербата во себе и она кое го посакувате ќе ви ги отвори вратите на онаа реалност која сакате да ја живеете. Што и да посакате да привлечете во вашиот живот треба да биде посакано со длабока верба дека ќе се случи. Во спротивно, никогаш нема да стигнете до целта. Кога јас почнав да верувам во себе длабоко и во она што сум само тогаш ми се отворија сите нешта по патот по кој што почнав да одам. Кога ќе почнете да го слушате својот внатрешен глас ќе си го измените својот живот. Најчесто луѓето грешат и го потиснуваат својот внатрешен глас и го игнорираат. Не го игнорирајте вашето духовно јас, тоа секогаш знае што е најдобро за вас.

Сподели искуство