Животот како најскапоцен дар

  • by

Да си дојден овде, да имаш можност да уживаш во сите убавини и благосоловености кои ти ги нуди овој живот навистина е голем огромен дар од Бога. Секоја човекова душа најпрвин треба да биде благодарна што има можност и привилегија да биде токму овде и токму сега. Никој од нас не е овде случајно. Случајности не постојат, барем лично јас не верувам во случајности. Така сите вие кои веќе ги читате овие зборови, имајте на ум дека секој од вас има своја мисија, секој од вас не е овде случајно. Сите оние луѓе кои се гневни кои живеат во постојан стрес полни со негативни емоции од најниска вибрација треба да помислат на ова кое што го говорам. Доколку застанат и ги остават своите моментални животни неисполнетости и доколку погледнат на својот живот дека некој им го подарил дека имаат најголем дар од Бог, навистина ќе почнат поинаку да размислуваат околу нивните незадоволства. Луѓето се постојано незадоволни. Незадоволни најпрво од самите себеси, незадоволни од нивната реалност која ја живеат, незадоволни од се што ги опкружува и од се што поседуваат духовно или пак материјално. Кога секој од вас би подзастанал за момент и би се запрашал зошто сум јас овде, дали имам своја мисија, своја цел на своето битисување тогаш веднаш ќе донесе заклучок дека има еден огромен благослов што воопшто е жив и што воопшто е дел од овој шарен мозаик наречен живот. Како сите вие, така и јас имав свои незадоволства во текот на овие мои изминати 39 години. Незадоволства љубовни, незадоволства финансиски, незадоволства од својата сопствена реалност во периодите од мојот живот. И тоа е сосема човечно и сосема во ред. Впрочем, човекот секогаш треба да се стреми повеќе и повеќе кон подобро утре, кон подобра реалност. Но, она што јас го научив низ овие мои изминати години е тоа дека се` е до начинот на размислување. Се` е до нашиот ум и се` е до нашата состојба на умот. Доколку го гледаме овој живот како можност која ни е дадена од Креаторот да се мачиме и да страдаме, тогаш овој живот таков и ќе ни биде, тогаш таква реалност и ќе живееме. Но, доколку гледаме на животот како дар од Бога, тогаш секој нов ден ќе ни е дар, во секој нов ден ќе пронајдеме убавина, секој нов ден ќе се обидуваме да го извадиме најдоброто. Така со моето менување на мојот начин на размислување почнав да гледам на животот како дар. Почнав да гледам сосема поинаку на животот. За мене она што го живеам беше дар и секое будење наутро беше дар. Моето секојдневие е составено од благодарности, првично секое утро кога ќе ги отворам очите се заблагодарувам на Бог, на Креаторот што сум сеуште тука и што сеуште ја имам привилегијата да бидам патник во овој воз наречен живот. Животот не е мачење, наместо да го гледате овој живот како страдање и болка почнете да гледате на овој живот како еден огромен благослов и како еден магичен подарок кој треба да го искористите правилно. Овој дар ви е даден вас за да ги откриете убавините во него, да ја осознаете магијата во овој живот и секако да ги уживате сите благодети во него. Животот е патување, а ние сме дојдени овде по различни животни искуства, целта на нашето доаѓање овде е да научиме нешто ново, да ги искусиме сите моменти на болка, тага, радост, мир, љубов. Почнете поинаку да гледате на овој живот и запомнете дека доколку го измените начинот на гледање кон нештата и самите нешта ќе се изменат. Затоа, имајте на ум дека треба да бидете благодарни што сте патник во овој воз наречен живот и бидете благодарни зошто вие го имате најскапоцениот дар од Бога а тоа е вашиот сопствен живот.

Сподели искуство